Во рамките на 54. фестивал “Илинденски денови“ во Битола, Пламенка – гудачки квартет ќе одржи концерт. Концертот ќе се реализира на 28 јули со почеток во 21.00 на платото пред Офицерскиот дом во Битола.
Концертот е со наслов „Балканско патување“ и тој претставува музички истражувачки проект во кој преку одделните композиции од балканските земји се доловуваат заедничките музички корени на балканските простори.
На концертот ќе бидат изведени нови аранжмани за гудачки квартет базирани на балкански фолклорни теми во аранжман на Пламенка Трајковска.
Во гудачкиот квартет ќе учествуваат следните музичарки: Пламенка Трајковска на виолина, Милена Гиевска Андоновска на виолина, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело.
„Балканско патување“ се осврнува кон богатата балканска музичка ризница а посебен осврт е направен на одделните мелодиски и ритмички елементи, кои се блиски на целиот регион и за кои одделните народи сметаат дека се нивни автентични. Овие заеднички елементи се користеа како основа за создавање на нови композиции со гудачки квартет.
Во новите композиции струјат неколку доминанти елементи и тоа: влијанијата на класичната музика и сосема класичниот инструментариум на гудачкиот квартет – виолина, виола и виолончело, заедничките мелодиски и ритмички линии од сите региони на Балканот, и аранжмански пристап кој има за цел да ги отслика музичките прелевања од регион во регион. Сите овие елементи се вткаени во нови музички слики со гудачки квартет и балканска музика кои имаат само еден наслов – балканска композиција.
Концертот „Балканско патување“ е покана и предизвик за слушателот преку интерпретација на балканските музички слики со гудачки квартет да се нурне во светската музичка ризница наречена Балканска музика и преку неа да ја доживее историјата, културата и емоцијата на балканските народи.
Пламенка Трајковска до сега има реализирано повеќе проекти кои се осврнуваат на светското музичко наследство. Таа е дел од етно составот Келтикум кој интерпретираше фолкорна музика од Ирска, Франција, Шпанија и сефардска музика, дел од камерниот состав Агогик со кој интерпретира танго музика. До сега Пламенка има направено аранжмани за македонски фолклорни теми во класичен и кросовер стил и тоа: Ој девојче, Шумат кај шумат шумите, Елено ќерко, Ај да бегаме мори Васе , Ламенто вело и други.
Пламенка Трајковска досега има настапено на речиси сите позначајни сцени и фестивали кај нас и има реализирано концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција, Танзанија и Турција.
Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура и Центарот за култура Битола.
Извор:https://tribuna.mk/
コメント