top of page
  • Writer's pictureДело-Скопје

СТОП ЗА ГОВОРОТ НА ОМРАЗА

Пријавувањето на говорот на омраза треба да биде општествена и лична одговорност, а одговорот на институциите неопходност!!!




Во една од неговите колумни на Рацин.мк, аналитичарот Тони Поповски напиша дека „говорот на омраза води до опасни поделби во општеството во целина, влијае на учеството и вклучувањето на сите оние кои се негова цел и ја загрозува демократијата. Најчеста директна последица од говорот на омраза е постепено исклучување на сите оние кои се негова цел, односно се врши принуда, овие лица и групи да излезат од јавната дебата и да се замолчат“.


Поповски уште укажува на тоа дека говорот на омраза кај нас не само што е присутен туку е интензивиран, особено во насока на политичките противници, и е последица на продлабочената политичка поларизација во земјава, а во последно време и за стратешки прашања.


– Говор на омраза континуирано се забележува и во внатрешните меѓуетничките односи иако е обусловен со степенот на нивна „релаксираност“ како и по однос на ЛГБТ заедницата. Говор на омраза иако спорадичен пред бугарското вето, и во моментов е особено присутен во релациите на нашето со бугарското општество и претежно се практикува на социјалните медиуми, иако има случаи да биде употребен од влијателни политичари и конвенционални медиуми на двете страни. Директна последица од говорот на омраза е се поголемиот анимозитет помеѓу двете општества, а кај нас и кон ЕУ, истакнува Поповски


Кире Василев, од Дијалог – Центар за делиберативна демократија, истакна дека говорот на омраза може да е и посуптилен и затоа непрепознатлив


– Говорот на омраза може да е и посуптилен и затоа непрепознатлив за многумина. Имено, употребувајќи вакви елементи од моќни наративи тие свесно или несвесно отвораат врати за стравотни интерпретации што ги сведочиме во параноични изјави дека, на пример, со законот за родова еднаквост ќе се воведе некаков си тоталитаризам, ќе се укине бракот, ќе се распадне семејството, ќе се злоупотребат децата, итн. Дури и да не е искажан директен говор на омраза, и директна дискриминација, ваквите изјави и формулации воопшто не се наивни, бидејќи тие ја наведуваат публиката до одредени заклучоци кои резултираат со страв, паника, агресија, омраза, итн, вели Василев.


Жарко Трајаноски, од Институтот за медиуми и аналитика ИМА, смета дека јавниот обвинител мора да реагира во врска со говорот на омраза врз основа на род, родов идентитет и сексуална ориентација: „Треба да се потсети обвинителството дека треба да реагира на овие што сега шират говор на омраза врз основа на родов идентитет и сексуална ориентација, затоа што истите основи стојат и во Законот за јавно обвинителство.“


Едногласен заклучок на сите форуми на кои се дебатира за справувањето со говорот на омраза неподелено е мислењето дека пријавувањето на мразачите треба да биде општествена и лична одговорност, а одговорот на институциите неопходност.


Како за завршница на оваа анализа еве еден исказ на Нелсон Мандела, еден од светските лидери што пострадале од омраза. Нелсон Мандела рекол: “Никој не се раѓа мразејќи друг човек поради бојата на неговата кожа или потеклото или верата. Луѓето треба да научат да мразат, а доколку еден човек може да научи да мрази, тогаш тој може да научи и да сака; љубовта влегува во срцето на човекот природно”.


****


Стоп за говорот на омраза – Како да пријавите говор на омраза на интернет во Северна Македонија?

Доколку на Интернет се соочите со говор на омраза, дискриминација или насилство, говор кој е непријателски и злонамерен, можете да го пријавите на три начини.





1.Со пријавување на најблиската полициска станица

2.Јавете се на дежурниот телефон 198

3.Испратете мејл на адресата cybercrime@moi.gov.mk

Пријавувањето можете да го направите и анонимно.

Вашата пријава ќе биде проследена до јавниот обвинител.




Според измените на Кривичниот законик и членот 394 казните можат да бидат од една до десет години затвор.





Commenti


bottom of page