top of page
Writer's pictureДело-Скопје

Од „реформи“ до гарвански геноцид (2)




Со создавањето на Кралството СХС, наследен бил Кривичниот законик на Србија од 1860 година, меѓутоа “реформските процеси“ во правото на целото Кралство, наложиле да биде донесен нов Кривичен законик на 27.01.1929 година, кој стапил на сила од 01.01.1930 година, прв закон донесен по устоличувањето на престолот на кралот Александар Караѓорѓевиќ. Новиот закон компаративно важел за “модерен закон“, по теркот на европските земји, но само навидум…

Главното начело на кое се темелел новиот Кривичен законик било „Nullum crimen, nulla poena sine lege“ (нема дела ни казни ако претходно не се пропишани во законот), важело за србите, главно блиски до власта или до структури блиски до банот, жупанот, полицијата… Ова може звучи познато нели и во просто сегашно време? Дури и при докажани дела од кои нема “бегање“ српскиот народ бил казнуван со најблагата казна „Парична“, за разлика од несрпскиот народ кој бил казнуван со „затворска казна“ или „заточеништво“, односно со најтешката „смртна казна“.

Куриозитет за македонското население е тоа што на истото не можело да им биде изречена споредна казна како „губење на граѓанските права (атимија)“ или „забрана за вршење на служба“, од причини што населението во „Бановина“ немало никакви граѓански права, ниту пак му било дозволено да врши било каква функција или државна служба, освен на докажаните србомани, блиски до органите на власта во Вардарска Бановина.

Додворувањето на кралот Александар до модерна Франција, Англија, Италија, не го менувал фактот дека истиот спроведувал диктатура врз несрпското население, па оттука и пресудите биле носени во „ИМЕ НА КРАЛОТ“, а не во име „НА НАРОДОТ“.

Законот за власта на кралот и Врховната држава управа, Законот за заштита на јавната безбедност и поредок и Законот за заштита на државата, мошне свирепо се одразиле на и така “утепаното“ македонско население. Наведените „lex specialis“ закони го дерогирале основниот „lex generalis“ Кривичен законик на Кралството Југославија.

Мерките за безбедност пропишани во новиот Кривичен законик како што биле 1.Упатување во Завод на присилна работа, 2.Упатување во Завод за лечење и чување, 3.Упатување во Завод за лечење на пијаници, 4. Забрана за посетување на крчми, 5.Заштитен надзор итн повторно не важеле за несрпското население, особено македонското кое било изложено на масовни тортури за „самопризнанија“ за сторување на делото, со цел истото да биде најсвирепо казнето со смртна казна или казна затвор, односно заточеништво, а претходно населението било изложено на најсвирепо тепање, психичко мачење, сечење на делови од телото итн…

Испреплетеноста на власта со судската власт се гледа и во тоа што самите жупани-највисоките администратори во дадената административна област се мешале во истрагата. Истите ковале обвинувања, инспирирале индикации на сведоците за да фатат во затворите омразени локални влијателни луѓе. Но „самопризнанијата“ кои претходеле на најжесток терор биле најпосакувани и од полицијата и од судот, бидејќи на тој начин сведоците можеле да не присуствуваат за време на судењето, односно само потпишувале протоколи што им ги давала полицијата или ако при сослушувањето биле повикани сведоци, тие често биле „алатка“ на самата полиција, нејзини лица од доверба или пад роднини на самиот истражител.

Поврзаноста на администрацијата, полицијата и војската со судската власт ќе ја наведам и во примери:

-Скопскиот граѓанин Димитар Шалев, прв помошник на градоначалникот на Скопје, во процесот, приреден од истиот жупан Вилдовиќ, меѓу другото во својот последен збор пред судот изјавил “Господа за да бидам појасен, зошто не сум се придржувал до официјалната кралска политика и личноста на Вилдовиќ, кажувам дека мојот роден морал не можеше да ми дозволи, бидејќи мојата жена требаше да патува без мене во затворен автомобил со Вилдовиќ до Качаник“ Весник Време-Белград од 28.03.1928 година.

-Заменикот на Вилдовиќ, полковник Јован Наумовиќ, како претставник на кралот „Во едно скопско село им наредил на една група селани да се судрат голи, ги облеал со вода и потоа ги виткале нивните полови органи и ги мачеле да ги натераат да го кажат она што го барале од нив “, Весник „LaMacedoine“ Женева бр40 од 15.03.1928 година.

-Добрица Матковиќ (подоцна воено аташе во Софија), како брегалнички (штипски) жупан, на 03.03.1923 година, директно подготви пораз на с.Гарван (Радовишко), пораз врз 28 незаштитени селани, убиени со митралез. Меѓу нив старци, жени и малолетни деца, во познатиот

ГАРВАНСКИ МАСАКР

…Кога српската потера дојде во нашето село, ги повикаа и мажи, жени, стари и млади за да ни соошти некакви наредби. Работно време беше и заради тоа мнозина, кои беа во полето, не се појавија, па србите многу се наљутија и почнаа да тепаат се што ќе се појавеше пред нив.

Потоа одделија неколку млади жени и ги одвлекоа настрана, а мажите ги врзаа и ги извадија надвор од селото на половина час оддалеченост.

Началникот на потерата ги запраша врзаните селани: „Каде се комитите?“ И ако не ги кажат нивните скривалишта ќе бидат тепани како кучиња .Селаните одговараат дека не познаваат никакви комити, ниту пак некогаш имале работа со нив.

Началникот со валкано пцуење им дава наредба да бидат наредени сите врзани и им наредува на војниците да стрелаат, кои збунети откажале да го сторат тоа, затоа што невини луѓе неможат да убиваат. Тогаш, началникот, наредува да се наредат наспроти врзаните три митралези и ги запрашува селаните, ќе кажат ли каде се комитите!? Сите повторно одговориле дека не знаат…

Збеснат од лутина, тој издал команда и митралезите пукаат. Сите врзани паѓаат како “покосени“. Убиените остануваат на полето шест дена непогребани, селаните од другите села ги погребаа.

Трагедијата во с.Гарван-Писмо од очевидец објавено во весник Независима Македонија бр.52 од 04.04.1924 година

Список на убиените

1.Тане Иванов 50 год, 2.Петруш Иванов 47 год, 3.Димитар Иванов 41 год, 4.Петруш Атанасов 21 год, 5. Георги Атанасов 33 год, 6.Ефрем Трајанов, 7.Стефко Трајанов 39 год, 8.Петруш Велјанов 35 год, 9.Костадин Здравев 18 год, 10.Христоман Поцев 67 год, 11.Георги Донев 31 год, 12.Тасе Ефтимов 62 год, 13, Трајан Тасев 23 год, 14. Стое Коцев 34 год, 15. Пане Коцев 28 год, 16.Доне Василев 29 год, 17.Иван Василев 35 год, 18. Моне Василев 12 год, 19.Мите Здравев 19 год, 20. Димитрија Колев 27 год, 21. Атанас Колев 13 год, 22. Богатин Георгиев 23 год, 23. Петре Георгиев 40 год, 24.Јане Поцев 59 год, 25.Ефтим Петрушев 20 год, 26.Васил Симеонов 36 год, 27.Костадин Цветков 31 год, 28.Цвета Томева 65 год.

(продолжува…)

Comments


bottom of page