
Академското етнолошко здружение – СУ (АЕС-СУ) при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ од почетокот на 2023 година почна да работи на нов истражувачки проект во партнерство со научници од Република Северна Македонија. Ова е објавено на страницата на здружението кое е дел од Историскиот факултет на СУ.
Проектот е трет од веќе востановената серија „Софија-Скопје“. По успешната реализација на претходните два проекти во 2019 и 2021 година, сега АЕС-СУ повторно ќе соработува со специјалисти од Институтот за етнологија и антропологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Проектот се реализира со поддршка на Столична општина и Столична програма „Култура“ – 2023 година“, наведуваат од здружението.
„Софија-Скопје: културна динамика на урбаните простори“ има за цел да создаде можност за дискусија и анализа на многу теми, проблеми и перспективи. Истражувачкиот фокус е ставен на проучување на урбаните простори, нивната културна динамика и развој. Градските истражувања се поврзани со проучување на историски, културни, економски, урбанистички, демографски и други процеси. Различните научни дисциплини кои го обликуваат тоа истражувачко поле, овозможуваат продлабочено и опширно проучување и анализа на градскиот начин на живот.
Креаторите на проектот упатуваат покана до научниците од двете земји да учествуваат на научна конференција и да создадат тематски зборник. Водени од уверувањето дека проучувањето на урбаните простори е континуиран процес, оправдан од нивната динамика и непрекинат развој, упатуваме покана до научната заедница во Бугарија и Република Северна Македонија за вклучување во иницијативата, додаваат од АЕС-СУ. Двете научни иницијативи освен за дисциплина, ќе придонесат и за соработката меѓу научниците од различни научни области, истакнуваат организаторите.
Поканата за публикација и учество на научна конференција е упатена до широк круг на научници и истражувачи од двете соседни земји. Организаторите се фокусираат на широки тематски области како што се материјално и нематеријално културно наследство; празници, обичаи, сакрални простори и места за богослужба; урбанизација, градско планирање и архитектурни процеси; миграциски процеси; централни и периферни градски области; слободно време, спорт и рекреација; детството во градот; сетила и творештво во градот; квалитет на живот во градовите; управување со кризи во градот. Може да се вклучат и други теми, а рокот за поднесување предлози е до 28 февруари. Тоа е и крајниот рок за пријавување учество. Рокот за испраќање на готовите текстови е 31 јули. По анонимно двојно рецензирање, планирано е да се издаде зборник до крајот на 2023 година. Ќе се печати во ограничен број и ќе биде објавен онлајн на веб-страницата на Академското етнолошко здружение – СУ.
Предвидено е конференцијата да се одржи на 25 и 26 ноември во Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, како и во хибриден формат. Во организацискиот комитет се проф. д-р Мирјана Мирчевска од Институтот за етнологија и антропологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, гл. ас. д-р Божидар Прванов од Институтот за етнологија и фолклористика со Етнографскиот музеј при БАН, д-р Марина Јаниславова од БИА при Националната библиотека „Св. Кирил и Методиј“ – Софија, Надежда Иванова, докторанд на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и Стамен Канев – докторанд на ИЕФЕМ-БАН.
Во претходните два проекти се разгледувале темите на секојдневниот живот и веселбата за време на пандемија и културните модели и миграции. Резултат од нивната работа се зборниците „Софија-Скопје: секојдневие и веселба за време на пандемија“ (2021) и „Софија-Скопје: културни модели и миграции“ (2019).
Извор:https://tribuna.mk/
Comments