Бугарија е претставена како целогодишна туристичка дестинација на 43-тото издание на Меѓународната туристичка изложба на World Travel Market (WTM), што се одржува од 6 до 8 ноември 2023 година во Лондон, Обединетото кралство.
Бугарскиот туризам годинава се претставува преку штанд на површина од над 304 метри квадратни во сала Европа, пренесува bgtourism.bg. Заедно со Министерството за туризам учество најавија и 23 претставници од бугарскиот туристички сектор. Акцентот е ставен на културно-историското наследство на Бугарија кое е претставено преку опрема за виртуелна реалност и виртуелни содржини на бугарски и англиски јазик. Посетителите ќе се запознаат со средновековното ремек дело Бојанската црква, Хераклеја Синтика, Царевград Асеневци, Самоводската чаршија во Трново, Магијата на пештера Магурата, Античката вила Армира итн.
Предвидени се и презентации со дегустации на одбрани бугарски вина. Гостите на бугарскиот штанд ќе се запознаат со можностите за вински и кулинарски туризам во североисточна Бугарија, Тракијската низина и долината на розите, јужниот дел на Сакар планина, долината на Струма, западната и централната Дунавска рамнина. Секој од регионите ќе биде претставен со квалитетно вино типично за регионот, како и преку нивните мапи кои ги илустрираат винските рути и поврзаните туристички атракции и специфики.
World Travel Market (WTM) е најголемиот саем за професионалци во туристичката индустрија и втор по големина саем за патувања во светот по ITB Берлин. Во 2022 година над 35800 професионалци од туристичката индустрија ја посетија изложбата. Се очекува годинава интересот да биде уште поголем.
Извор:https://tribuna.mk/
Comments