Финални подготовки за петтото издание на Меѓународната ликовна колонија „Босилеград во боја 2025“
- Дело-Скопје
- Jul 4
- 2 min read

Здружението „ГЛАС“- Босилеград ги завршува финалните подготовки за петтото издание на Меѓународната ликовна колонија „Босилеград во боја 2025“, што ќе се одржи од 13 до 20 јули 2025 година во Босилеград, во соработка со Студентското читалиште „Св. Климент Охридски“ 1997 – Софија, јавува БТА.
Официјалното отворање на пленерот ќе биде на 14 јули во 18:30 часот (по локално време). Свеченоста ќе се одржи на отворена сцена во дворот на куќата каде што е сместена канцеларијата на здружението „ГЛАС“ – Босилеград.
Во јубилејното, петто издание ќе учествуваат вкупно 16 уметници – шест од Бугарија (Велина Христова, Пенка Минева, Викторија Јанкова, Николај Иванов – ОМ, Анатолиј Станкулов и Милен Аврамов), пет од Северна Македонија (Ивана Ивановска, Бојана Тошевска, Роберт Михајловски, Мартин Јакимовски и Тоше Јованов) и пет од Србија (Маријана Бајкиќ, Весна Ставреска, Сандра Стоименов, Миролјуб Кршањин – Мики и Љубиша Пенев).
Домаќините на веќе традиционалната манифестација ќе ги запознаат учесниците со културно-историските знаменитости на општина Босилеград. За таа цел се планирани неколку посети на босилеградски села и излет до Власинското Езеро. Сите заинтересирани ќе имаат можност да ја посетат и уметничката галерија „Владимир Димитров- Мајстора“ во Ќустендил.
„Организацијата на ова петта по ред ликовна во Босилеград бара многу средства и труд, кои ги обезбедуваме исклучиво со сопствени ресурси. Од друга страна, оваа една седмица, колку што трае пленерот, нè исполнува со креативна енергија, благодарение на која, и покрај сите предизвици, ја гледаме смислата да продолжиме да го прикажуваме Босилеград во едно поразлично, пошарено светло. Подготвивме речиси секоја вечер да има разни содржини – концерти, видео проекции, уметнички и културно-образовни презентации и демонстрации“, изјавија организаторите.
На 16 јули своја презентација ќе одржи британскиот уметник Тони МекЛур од Бирмингем. Инспириран од суптилните, понекогаш незабележливи моменти во современиот пејзаж, тој ги прикажува поетичните врски меѓу изградениот простор и технологијата. Во својата работа користи видео, светлина и хардвер, создавајќи минливи доживувања кои го поттикнуваат гледачот да размисли за сопствената врска со просторот.
На 15 јули посетата ја потврдил и Бојан Милушев, кој ќе им ги презентира на гостите и жителите на Босилеград можностите за промоција на туризмот преку очила за целосно „потопување“ во просторот.
„Ќе се увериме како виртуелната реалност (VR) е моќна алатка за пренесување приказни на начин кој не може да се постигне со други средства. Од уметниците очекуваме само да ги споделат своите емоции и светови на платно, за останатото ќе се погрижиме ние“, додаваат организаторите.
Официјалното затворање на колонијата ќе се одржи на 19 јули во 18:00 часот, кога ќе биде отворена изложба со делата создадени за време на настанот.
Извор:https://tribuna.mk/
Comments