top of page
  • Дело-Скопје

ОТВОРЕНА ИПА ПРОГРАМАТА МЕЃУ БУГАРИЈА И СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА 2021-2027 ГОДИНА, НАД 30 МИЛИОНИ ЕВРА





Во спроведувањето на ИПА Програмата за прекугранична соработка, заедно, во двете држави, досега се реализирани 178 проекти во вкупна вредност од скоро 40 милиони евра, додека во новиот, трет програмски период за периодот од 2021-2027 година, се предвидени над 30 милиони евра со фокус на проекти за интегриран развој, за развој на мали и средни претпријатија, како и изработка на туристички производи, но и за зелен регион и за управување со води, беше истакнато на на денешното официјално отворање на (Интеррег VI-A) ИПА Програмата Бугарија – Северна Македонија кое се одржа во Струмица.


Според министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, во изминатите два проектни циклуси ИПА Програмата со Бугарија има најдобри резултати, со 100 отсто искористеност на средствата од Европската Унија.


-Еден од предвидените проекти е граничниот премин Берово – Струмјани, кој долго време чека да биде ставен во функција. Обезбедени се 9 милиони евра, а проектот ќе го спроведуваат Регионалната управа на Благоевград и Царинската управа на Република Северна Македонија. Најголемиот дел од средствата од оваа програма, околу 15,5 милиони евра, се наменети за финансирање на проекти за интегриран развој. Главно ќе се финансира проширувањето на економската активност на малите и средни претпријатија, како и изработката на туристички производи во овој регион, рече Пенов.


Додаде дека 5 милиони евра се наменети за зелен регион и за управување со води и најважно е да се подготват добри и корисни проекти.


Според Десислава Георгиева, заменик министер за регионален развој и јавни работи во бугарската Влада, новата програма е амбициозна и ќе се инвестираат повеќе средства.


-Посебно ќе инвестираме во регионалниот развој, каде имаме можности да се даваат средства за соработка межу општините, невладините организации и академскиот сектор во областа на туризмот, а многу вложуваме и во отворање на новиот граничен премин меѓу Берово и Струмјани, рече Георгиева.


Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, истакна дека Општината е една од најуспешните кои имаат реализирано бројни проекти во рамките на Интеррег-ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија. Тоа според него значи дека Струмица има силен човечки потенцијал кој знае и може да носи и реализира вакви проекти.


На денешното отворање на програмата се обратија и Програмската менаџерка за прекугранична соработка во Европската Комисија, Габи Хагмулер, како и заменикот министер за локална самоуправа, Зоран Димитровски.


Извор: https://civilmedia.mk/otvorena-interreg-ipa-programata-megu-bugarija-i-severna-makedonija-za-2021-2027-godina-nad-30-milioni-evra-za-proekti/

bottom of page