top of page
Writer's pictureДело-Скопје

Кривичното право во кралска Југославија (3)



Пишува: Јован Николов

Зошто населението во Македонија било најбрутално тепано и мачено во Кралството на СХС, а подоцна Кралство на Југославија? На тоа прашање ќе одговориме со фактот дека на целата територија на Вардарска Македонија, т.е на „Јужна Бановина“, на население кое броело 1.100.000 души, го “чувала“ 40.000 редовна војска и 10.800 жандарми, од вкупно 17.000, колку што имало целото СХС кралство, кон крајот на 20-тите години на минатиот век. Во цела Југославија се паѓал по 1 полицаец на 674 жители, во Југославија без Македонија се паѓал по 1 полицаец на 1570 души, додека само во „Јужна Бановина“ или „Стара Србија“, по еден полицаец се паѓал на 102 жители.

На населението во Македонија спротивно на Уставот и на сите законски прописи на кралството, му било одземено најсветото право, а тоа е „слободата на движењето“, истото дури било и инкриминирано, но не формално-правно, туку тоа било „обичајното право“, наложено од Белград и кралскиот дворец, .

На пример во едно писмо од Кочани, објавено во швајцарскиот весник „La Macedoine“, Женева, бр.60 од 03.08.1928 година, е нотирано дека: „За да отидете од едно село во друго, треба дозвола, која има 4 потписи од општината и 2 потписа од околиската управа. Една дозвола чини најмалку 90 динари со различните рушвети и важи за 15 дена.Треба да имате дозвола, затоа што инаку не можете да се движите, последниот полицаец ве носи во затвор и не знаете, кога ќе излезете. Тие ограбувачи, кои дојдоа со опинци во 1912 година и не нарекуваа „газди“, затоа што носевме обувки, ги ограбуваат несреќните селани и не престануваат да ја пцујат нашата „бугарска мајка“ и свирепо да не угнетуваат. Нашата несреќа не може да се опише. Негодување царствува во нас. Ах, ако не требаше да мислиме за нашите жени и деца!…“.

Забраната за движење на домицилното население се должи на фактот за да истото не може да биде потпора или „јатак“ на четниците на ВМРО. На тој начин снабдувањето со оружје, муниција, јадење, книги, весници било многу отежнато на релација население- ВМРО…

За да бидат нештата посложни покрај редовната војска и редовната жандармерија, биле формирани и локални терористички организации и групи кои дејствувале како неодговорни фактори под заштита и со помош на официјалните власти. Такво било „Здружението против бугарските бандити“, од каде што заедно со принудуваните селани, властите подготвуваат потери за да ги гонат револуционерите на ВМРО. Место во таа организација првично заземаат некои отпадници од родот, кои како некогашни членови на ВМРО биле осудени од организацијата за злосторства, предавства и слични дејствија.

Друго слично здружение за борба против македонското население било Здружението „Петар Мркониќ“, кои ги избирало своите членови од средината на „националните работници“, т.е агенти на србизмот, уште за време на турската власт. Таму се повеќето српски војводи и четници. Еден од истакнатите водачи на „Петар Мркониќ“ е Пуниша Рачиќ-убиецот на хрватските народни претставници во Парламентот на Југославија во центарот на Белград на 20.06.1928 година.

Членовите на здруженијата, формирани во чети и групи, преферираат да бидат потпрени на поткрепата и заштитата од власта, да дејствуваат против мирното и незаштитено население, обвинувајќи го, дека сочуствувало на ВМРО и дека соработувало со нејзините воени сили. Затоа водачите на здруженијата заедно со полицијата и администрацијата и други нејзини средства, или пак другите српски патриотски друштва во Македонија под српска власт, се конституираат во тело, кое го насочува и раководи теророт над локалното население. Тоа неофицијално тело на едни места во Македонија го носи името „Егзекутива“, на други места „Одбор“.

Писмо од Струмица, објавено во весникот „Македонско Дело“ кој се издавал во Виена бр.58 од 25.01.1928 година, страна 5-6:

„По атентатот во Струмица , извршен од страна на две лица на ВМРО, кои останаа незаробени, жртви станаа неколку невини граѓани, жени, деца и мажи и еден офицер, кој случајно поминувал, тука власта збеснала до лудило. Жртва на нивниот див терор станаа маси на невини граѓани и селани. Заедно со полицијата и војската, терористичката и истребувачка акција се води од страна на комитетот за „Национален спас“, составен од поистакнати службеници, адвокатите Ташиќ, Марковиќ и директорот на гимназијата „Џамоња“, како и неколку шпиони-србомани. Секој граѓанин кој има несреќа да им биде непријатен на тие господа од комитетот, било затоа што има да зема пари од нив, или пак не им дава вересија и слично, беше објавен за “ненадежен“ и ставен во затвор. Шпионот Пера Ровчанин ја уапси својата жена, со која е разведен, заедно со нејзината мајка, затоа што наводно биле „јатаци“ на комити. Воениот шпион Драги Кантонерот уапси една девојка и нејзиниот татко, затоа што откажала да му стане љубовница. Шест души трговци се уапсени, затоа што се осмелиле да си ги побараат своите вересии од некои членови на комитетот.

На тој начин беа уапсени повеќе од 50 души, натрупани во влажните и темни ќелии на старата бања во некогашната турска маала и таму жестоко тепани и измачувани. Неодамна тука пристигна Матковиќ и додека тој несвесниот и неугледен гарвански убиец ја виде невиноста на уапсените и нареди ослободување на околу 40 души. Сега во затворот останаа уште 11 души. Сите знаат, дека тие се невини, но нели треба да се одмаздува за туѓи дела-ќе гнијат таму! Излезените од затворот, по 40 дена мачење, раскажуваат ужасни работи. Секакви мачења и инквизиции. На двајца селани им се изгорени нозете, мачителите ги терале да газат врз жар…“.

Писмо од Македонија, објавено во весникот Македонско Дело кој се издавал во Виена бр.961 од 25.12.1929 година:

„Пред извесно време ви напишав за убиството на непрежалениот Рампо Попов од с.Беловодица (Прилепско) и ви ветив да ви напишам дополнително за неговите убијци.

Рампо Попов е жртва на една банда насилници, која одамна се населила во Прилеп и ги одзела главите на многу добри бугари во градот и околината. Таа банда се нарекува „егзекутива“ на четничкото здружение „Петар Мркониќ“, која се состои од: 1.Учителот Коневиќ од Порече, кој е и претседател на таа српска „црна рака“ во Прилеп. Тој е најглавниот виновник за сите убиства. Кус и испиен тој не личи на човек, а на изрод, во кој се населил самиот ѓавол. 2.Поп Даме Пеливан, чиј живот, преполн со гревови, заврши пред извесно време, за радост на цел Прилеп, автор на сите планови за убивање на бугарите во Прилепско, физички убиец на благородниот бугарин Поп Никодим во текот на 1913 година кого пред да го убие, го подложи на страшна инквизиција. 3. Тошо, син на прочуениот изрод во Прилеп Пере Србинот. 4.„Протата“. 5. Стефановиќ,еден бесен србин. 6.Браќата Зараевиќевци. 7.Воја Дамјановиќ, познат нам уште од „прво српско“ (1913-1915 година), кој како интелигентен човек, дава директиви за дејствија на целото котило околу него.

Околу нив се врти цела група професионални убијци, како познатиот отпадник Геле, убиецот на седум души турци пред неколку години, кога се прочу со своето злосторство, Трајко Дрзман, злосторник, земен од ѓубрето на општеството, турчинот Фаик, стар кољач и на сопствените сонародници, познат на прилепчани уште од „првото српско“, како љубоморен помошник на злосторниците Вангел, Душан, Јосиф од кои првиот и последниот ја уништија народната одмазда уште тогаш, Насто исто така отпадник, убиец на истакнатиот македонски син Сотир Грданов, со помош на уште двајца други џелати-жандармите Димитрија и Дабиќ. Кога се случи убиството на истакнатиот бугарин Иван Бојаџиев тој беше проформа-уапсен од власта како осомничен за убиството. Но всушност тоа беше диверзија за да се прикрие името на вистинскиот убиец, познат под името „Жаца“, прекарот на жандармерискиот потпоручник, еден страшен крволок, еден макотрпен другар на прилепскиот началник…

Ете таа глутница, каде припаѓаат уште некои слични волци, врши злосторства во Прилеп и околијата како неофицијален орган на српската тиранска власт.

Под нејзино покровителство во соработка со неа е една друга банда, која го ограбува населението со тутуните. Тоа се разните директори и фактори во државните монополи, каде главен учесник беше, додека беше жив и Јован Кирковиќ, народен претставник“.

(продолжува…)

Comments


bottom of page